СЛАТКАРИСТИКА СО ИНТИМЕН КОНЦЕРТ НА 29 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Слаткаристика најави нов концерт во Скопје, што го нарече „Интимно со Слаткаристика“, а ќе се одржи на 29 ноември во клубот „Станица 26“.

„По големиот концерт во арената ‘Борис Трајковски’, Слаткаристика подготвува концерт ‘лице во лице’ со публиката, сосема поинакво искуство. Публиката ќе биде на чекор од него, со можност за директен контакт и незаборавна енергија. Вие можете да си резервирате место буквално до него“, велат организаторите.

Билетите се во продажба преку мрежата на Купи карта.

„Си поминав многу убаво на концертот во арената. Ама имам една замерка, публиката ми беше многу далеку. И затоа решив да направам еден мал, интимен концерт на 29 ноември. Многу ми се допаѓа самиот клуб, самата сцена, можеме да бидеме еден до друг“, вели Слаткар.

На 11 октомври тој одржа заеднички концерт со Тони Зен во салата „Борис Трајковски“, со кој прославија 20 години соработка. На крајот, како специјално изненадување се појави Калиопи и испеа еден од најголемите хитови на Слаткар, „Да полетам“. Концертот се одржа во полна сала, траеше речиси три часа, а гости беа и „2Бона“, „Некст тајм“, Зи Бомб, и други рапери со кои Слаткар и Тони Зен ја започнаа кариерата.