СЛОВЕНЕЧКИОТ БЕНД „ЏОКЕР АУТ“ ЈА ИЗРАДУВА МЛАДАТА ПУБЛИКА НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ СО „ТАЈНО МОЈА“ ОД ТОШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На одличен македонски, пејачот на словенечкиот инди-рок бенд „Џокер аут“ Бојан Цвјетиќанин ја испеа „Тајно моја“ од Тоше Проески на концертот во Скопје на Стадионот на АРМ. Обожавателите на бендот, кој е еден од најактуелните кај младите во регионот, ги извикуваа омилените песни од Тоше, знаејќи дека тој му е омилен на Цвјетиќанин.

Публиката побара песна од Тоше (Фото: Н. Тануровска)

„Единствената песна која знам да ја свирам од Тоше, а ја пеев на минатиот концерт, е ‘Ледена’. Можеби оваа ја знам напамет“, рече Цвјетиќанин и ја запеа „Тајно моја“ заедно со публиката.

Фото: Н. Тануровска

Концертот на „Џокер аут“ беше еден од повеселите во Скопје во последно време, коментираа младите по настанот. Блискоста со фановите го направи тоа, откако неколкумина членови на бендот се симнаа од сцената и свиреа танцувајќи со фановите, поздравувајќи се и сликајќи се со нив. Најверните фанови носеа маици на кои музичарите им се потпишуваа. За поблиска атмосфера, оние од партерот се префрлија во фан пит делот, па бендот и публиката како да станаа едно.

Концертот на „Џокер аут“ беше еден од повеселите во Скопје во последно време (Фото: Н. Тануровска)

„Џокер аут“ е петчлен бенд формиран во 2016. Jа претставуваше Словенија на Евровизија во 2023 и досега има издадено три албуми. Концертот го организираше „Авалон“ во рамките на „Скопје колинг“.

М. ЏАРОВСКА 

Фото: Н. ТАНУРОВСКА