„СТИК МЕН“ СО ЛЕГЕНДАРНИОТ ТОНИ ЛЕВИН ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Стик мен“, инструментално трио предводено од басистот на Питер Габриел и „Кинг кримсон“, Тони Левин, вечерва (20 часот) ќе настапи во „Станица 26“ во Скопје, што ќе биде градска сесија број 13, во организација на „3Гонга“.

Иако оваа американска група постои од 2007 година, оттогаш има издадено шест албуми, а нејзините членови се ветерани на светската музичка сцена, кои имаат соработувано со низа легендарни музички имиња.

За уникатноста на овој концерт зборува фактот дека Левин и Маркус Ројтер свират на чепмен стик, повеќежичен електричен инструмент со функција на бас гитара. Третиот член е тапанарот Пет Мастелото, кој, исто така, е дел од основоположниците на прогресивниот рок, „Кинг кримсон“.

„Стринг форсис“ ќе одржат 45-минутен концерт како најава на „Стик мен“

Главната ѕвезда во групата, сепак, е 71-годишниот Левин, еден од највлијателните басисти на сите времиња, кој има снимано со Питер Габриел, „Кинг кримсон“, Стивен Вилсон, „Јес“, Пол Сајмон, Џон Ленон, Дејвид Боуви и со многу други.

Како предгрупа на „Стик мен“, 45-минутен концерт ќе одржат „Стринг форсис“

„Настанот е посебен. Јас ќе настапам со стик, инструмент за кој дознав токму од Тони Левин, поточно од албумите на ‘Кинг кримсон‘ и Питер Габриел во почетокот на 80-ите. Звукот го распознавав, но немав претстава што е и како изгледа, сѐ до 1987 година, кога првпат го видов на слика. Тоа беше моментот кога ми стана јасно дека и јас го сакам. Десет години подоцна успеав да го набавам, а три децении подоцна ќе бидам на иста сцена со Левин“, вели лидерот на „Стринг форсис“, Дориан Јовановиќ.

Билети за концертот се по цена од 1.000 денари.

Г. КОНЕВ