Операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, ќе се изведе утре (23 мај) од 20 часот на Мајските оперски вечери (МОВ) во Националната опера и балет. Ќе диригира Паоло Бресан од Италија.
„’Тоска’ е музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој оперски трилер“, велат од МОБ.
Насловната улога ќе ја пее оперската примадона Весна Ѓиновска-Илкова, во улогата на сликарот Каварадоси ќе настапи тенорот Никола Китановски, злобниот Скарпија е гостинот од Романија, Лусијан Петреан, а како Анџелоти ќе настапи басот Владимир Саздовски.
Во останатите улоги ќе настапат Драган Ампов, Јане Дунимагловски, Тихомир Јакимовски, Димитар Кожухаров, Десанка Глигоријевиќ и Мирослав Антовски заедно со Хорот и Оркестарот на Операта. Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Фото: НОБ