НА 1 МАЈ 2026 ПРЕМИЕРА НА ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ЃАВОЛОТ НОСИ ПРАДА“

Лос Анџелес, (Вараети)

Премиерата на вториот дел на филмот „Ѓаволот носи Прада“ е закажана на 1 мај 2026, објави филмското студио „Дизни“.

Иако лани беше најавено дека Мерил Стрип и Емили Блант повторно ќе глумат, сѐ уште не е објавена актерската екипа. Стенли Тучи, кој глумеше во првиот филм во 2006, неодамна за „Вараети“ изјави:

„Знам дека работат на тоа. Ако се случи, ќе бидам многу среќен, но не можам да дадам повеќе информации“.

Според „Вараети“, приказната во вториот дел ги следи Миранда Присли (ја играше Стрип) и нејзината кариера како главна уредничка на модно списание среде падот на традиционалното издавање списанија. Таа се соочува со ликот на Блант, која сега е моќна директорка на луксузна група.

Базиран на романот на Лорен Висбергер од 2003, филмот „Ѓаволот носи Прада“ беше хит на светските киноблагајни, заработувајќи 326,7 милиони долари. Стрип доби Златен глобус за најдобра актерка во комедија и номинација за Оскар.