УМЕТНИЧКИ ДИЈАЛОГ ПОМЕЃУ МАКЕДОНИЈА И КАНАДА СЕ ВОДИ ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националната галерија на Северна Македонија ја отвори меѓународната изложба „Флукс идентитети“ во објектот Чифте амам. Темата на изложбата е идентитетот и неговата разновидност, а дијалог низ своите уметнички дела водат познати имиња од македонската и канадската современа уметничка сцена.

Изложени се дела од македонските уметници Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ-Радевска, Велимир Жерновски и Шќипе Мехмети и од Канаѓаните Ту Гуливерс (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перуновиќ, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид и Садко Хаџихасановиќ.

Директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими изрази огромна благодарност до почесниот конзул на Канада, Анета Пешева и истакна дека соработката со амбасадата на полето на културното вмрежување на двете земји е долгогодишна.

„Прашањето на идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањата на иднината. Токму поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата”, рече Светлана Младенов, автор и куратор на проектот.

Изложбата ќе биде поставена до 26 февруари.

К. СЕЛАМОВСКА