НЕОБИЧНИОТ ФУДБАЛСКИ ПАТ НА ВЛАТКО АНДОНОВСКИ – ОД МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ ФУТСАЛ ДО КЛУПАТА НА СВЕТСКИТЕ ШАМПИОНКИ

Њујорк, (АП)

До пред неколку години, Влатко Андоновски беше непознато име надвор од Канзас. Тој немаше никакво искуство во работата со репрезентација, дури ни на младинско ниво, но актуелните двократни светски шампионки инсистирале токму тој да го води фудбалскиот национален тим на САД.

Четириесет и тригодишниот Андоновски вчера беше именуван за наследник на Џил Елис на кормилото на најдобрата репрезентација во женски фудбал на светот и за девет месеци од него ќе се очекува и атак на олимписко злато во Токио.

„Повеќе извори кажаа дека Андоновски бил прв избор на актуелните репрезентативки“, напиша новинарот на „Спортс илустрејтед“, Грент Вол.

Роден во Скопје, Андоновски имаше необичен, ако не и уникатен фудбалски пат: од домашното првенство, каде што настапуваше за Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Вардар, тој замина во САД во 2000 година за да игра футсал и никогаш не се врати. По завршувањето на играчката кариера во 2006, тој се префрли на тренерската клупа, и тоа во женски фудбал.

Андоновски работеше со регионални младински женски екипи пред да стане тренер на Канзас Сити, со кој освои титула во 2014 и 2015 година. Тој доаѓа на клупата на САД откако беше прогласен за најдобар тренер во лигата.

„Она што овој тим го направи со Џил Елис е навистина неверојатно. Џил беше ангажирана за да освои светско првенство, а освои две. Таа ги постави стандардите уште повисоко. Неверојатно е колкава поддршка добив во последно време. Важно е да се знае дека играчите се возбудени исто колку и јас“, изјави Андоновски.

Тој ќе дебитира на новата функција на 7 ноември против Шведска.