Скопје е важен град во животот на Драгољуб Ѓуричиќ и затоа ѝ се радувам на македонската, скопската публика, вели Слободанка Радун, режисерка на документарниот филм „Човек лавина“ за легендарниот тапанар, кој дел од кариерата помина и во „Леб и сол“. Тој почина во 2021 на 68 години. Филмот, кој е црногорска продукција, ќе се прикаже вечерва (3 декември) на отворањето на 24. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс, од 20:30 часот во МКЦ.
„Во секој град досега имаше различни реакции на филмот, така што и вечерва очекувам убаво изненадување“, вели Радун.
Филмот за еден од најдобрите тапанари во поранешна Југославија ја открива приказната за рок сцената во Црна Гора и нејзините почетоци во 1960-тите, како и развојот и растот на рок културата на Балканот во 1970-тите и 1980-тите.

Радун за СМАРТ СДК.МК вели дека идејата за филмот се родила од семејното пријателство и соработката помеѓу Драгољуб и продуцентката на филмот Јасмина Крајловиќ. Започнало и снимањето, но се случи ковид-пандемијата и тој почина од последиците на коронавирусот. Идејата стоела неколку години и во еден миг Крајловиќ повторно ја поттикнала реализацијата и се вклучила Радун.
„Сакав да ја прикажам комплексната слика, музичар со необична кариера од една страна и човек со негов систем на вредности, карактер и енергија. И тоа беше една од првите креативни одлуки, да ја избегнам неговата митологизација како појдовна точка и да го насочам филмот кон емоции, а не патетика. Во тоа ми помогна работниот тим. Покрај споменатата продуцентка, мои најблиски соработници беа монтажерот Урош Тимотијевиќ, директорот на фотографија Ѓорѓе Дружетиќ и координаторката на интервјуата Соња Тодоровиќ-Шегрт. Но, и сите соговорници кои се најдоа во филмот, како неговите синови, Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други“, ни рече Радун.
На прашањето која негова песна или бенд најмногу ѝ значи, вели:
„На ова прашање нема да бидам оригинална, ‘Учи ме мајко, карај ме’. Силата на оваа песна е навистина неверојатна, а потоа неговиот ритам ‘тагадагадум““.
Б. НЕСТОРОСКА