Веројатно најголемата нова поп-ѕвезда на светската музичка сцена Дуа Липа ја доби честа да настапи пред вечерашното финале на Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Ливерпул, што се игра во Киев, но не очекувајте од неа да го изведе почетниот удар.
Убавата британска пејачка по потекло од Косово вели дека не само што не е фудбалски фан, туку и никогаш не била на натпревар.
„Јас не сум по фудбалот, но моите брат и татко гледаат. Тие се фанови на Арсенал. Сепак, многу сум возбудена, иако никогаш не сум била на фудбалски натпревар. Само еднаш се обидов да играм и бев ужасна“, вели 22-годишната Липа.

Таа за вечерва го вети својот најлуд настап досега.
„Многу сум возбудена што добив можност да направам нешто поинакво, нешто што инаку не го правам на моите концерти. Ова е поголема сцена и мислам дека ќе биде многу забавно“.
Запрашана на која сцена најмногу би сакала да настапи, таа откри:
„Фестивалот ‘Гластонбери‘ е најголемата цел во мојата кариера, тоа е мојот најомилен фестивал“.
Дуа Липа е родена во Лондон и откако кратко време живееше на Косово, се врати во Британија на 16-годишна возраст, за да почне кариера на модел и пејачка.