НОВИНАРОТ СТОЈАН САВЕСКИ ОБЈАВИ НОВА НОВА КНИГА ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

„Верата без добри дела е мртва“, кредото на Свети Климент Охридски, е главната порака на новата книга на охридскиот новинар и публицист Стојан Савески, посветена на животот, делото и духовното наследство на светецот и патрон на Охрид. Јубилејот, 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, е поводот за создавањето на новиот труд, кој низ повеќе тематски целини го осветлува значењето на еден од најзначајните средновековни словенски просветители, книжевници и духовници.

„Свети Климент е личност која не може да се стави само во рамките на историјата. Неговата порака е жива и денес, особено онаа дека верата без добри дела е мртва. Тој не нè учи само да веруваме, туку и да правиме добро, да помагаме, да се образуваме и да создаваме“, вели Савески.

Книгата го следи патот на Свети Климент од неговото учество во мисиите на светите браќа Кирил и Методиј, преку ширењето и зачувувањето на словенската писменост, до неговата епископска служба и создавањето на силен духовен и книжевен центар во Охрид.

Особено внимание е посветено на неговата улога во развојот на словенската писменост и црковната книжевност. Савески потсетува на значењето на Климент како еден од најдоследните ученици на Кирил и Методиј, кој активно учествувал во нивните мисии и во ширењето на словенските јазик и богослужба.

Во завршниот дел, авторот се навраќа на мислите и пораките на Свети Климент, кои и по повеќе од илјада години, имаат силна современа вредност. Меѓу нив е и пораката за верата, која мора да биде потврдена со дела – помагање, милосрдие, љубов и грижа за другиот човек.

„Мислам дека токму тоа е најважното што треба да го извлечеме од неговото дело – дека треба да бидеме луѓе на дела. Да оставиме нешто зад себе, како што оставил и самиот Свети Климент“, додава Савески.

Печатењето на книгата е финансиски поддржано од Општина Охрид и Дебарско-кичевската епархија.

С. ВРЕНЦОВСКА