Со концертот „Последната роза на летото“, синоќа (9 август) во црквата „Света Софија“ беше одбележана традиционалната Вечер на Европска Унија во рамките на Охридско лето. Настапија ирскиот виолинист Дејвид Тобин, ирскиот пијанист Фингин Колинс и унгарско-ирската флејтистка Јохана Кезеи, кои изведоа дела од Елгар, Рајнеке, Филд, Чајковски и Волас.
Посебно место во програмата имаше делото „Фантазија и варијации на тема ‘Последна роза на летото’“ од Волас, што беше своевидна музичка круна на вечерта. Публиката во „Света Софија“ ги награди уметниците со бурни аплаузи.
Вечер на Европска Унија се одржа 19. година по ред на Охридско лето, со поддршка на Делегацијата на ЕУ.
„Преку ова партнерство, Европската Унија континуирано ја поддржува културната размена, ја промовира европската уметност и ги зајакнува врските помеѓу Европска Унија и Северна Македонија“, рече заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау.