НУБ ОД СКОПЈЕ, ВО ВЕЛЕС ГО ДОБИ ПРИЗАНИЕТО ЗА НАУЧНО- ИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ, ОД ЗДРУЖЕНИЕТО НА БИБЛИОТЕКАРИ НА МАКЕДОНИЈА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Националната и Универзитеска библиотека „Св. Климен Охридски“ (НУБ) од Скопје е добитник на почесното признание за научно-истражувачка дејност. Плакетата, НУБ ја доби од Здружението на библиотекари на Македонија, на Меѓународната конференција на библиотекари, која се одржа во Велес. 

„Ова признание не е само за библиотеката, туку за целиот колектив кој сите години работел. Лани одбележавме осум децении од именувањето на првиот директор на библиотеката во слободна Македонија, тоа е велешанецот Ѓорѓи Шоптрајанов и драго ми е што признанието го добивам во неговиот роден град Велес. Што се однесува за корисниците, после короната, тој број е во постојано зголемување. Се обидовме да се модернизираме, оти само хартиена форма на книга не се користи толку, се бара и електронски варијанти, дигитална верзија, онлајн пристап. Корисниците се студенти, научно-истражувачки рааботници, постдипломци, магистри и универзитетски професори“,  кажа Јовица Ничевски, директор на НУБ Скопје.

Во категоријата јавни библиотеки  годишната награда за 2024 ја доби Градската Библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во категоријата високошколски библиотеки, библиотеката „Макс ван дер Штул“  при Универзитет на Југоисточна Европа од Тетово, во категоријата библиотеки при училишта ја доби ОУ „ Никола Карев“ од Кочани.

„Вложивме многу за да ја зголемиме љубовта кон читањето книги. Организиравме работлници за деца и промоции на книги. Читатели ни се најчесто повозрасната група граѓани. Не се откажуваме од помладите, правиме сѐ да го подигнеме интересот кај нив“, рече Снежана Бошевска, директорка на велешката библиотека.

На Меѓународната конференција на библиотекари имаше гости од Албанија, Косово, Србија, Хрватска, а видеопораки пратоја претставници од Индија и БиХ. Темата на конференцијата беше „Услугите за корисници со посебни потреби и лица со попреченост“. Зборуваше и министерот за култура Зоран Љутков.

„На попреченоста не треба да се гледа како на пречка, туку како на предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотеките да се прилагодат, да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани“, рече Љутков.

 П. ПЕЧКОВ