Обожавателите ќе имаат можност да ѝ оддадат почит на легендата на хеви металот Ози Озборн кога погребната поворка ќе помине низ центарот на неговиот роден град Бирмингем утре (30 јули) од 13 часот.
Возилото со телото на Озборн ќе се упати кон мостот и клупата на „Блек Сабат“, каде што илјадници обожаватели оставија пораки и цвеќе во изминатиот период. Локалниот бенд „Бостин Брас“ ќе ја придружува поворката. Улицата ќе биде затворена за сообраќај од седум часот наутро.
Градоначалникот на Бирмингем, Зафар Икбал, рече дека е важно за градот да му оддаде „соодветна, достоинствена почит“ на Озборн пред погребот, што ќе биде приватен. Озборн почина на 76 години на 22 јули, неполни три недели откако настапи на прошталниот концерт на „Блек Сабат“ на стадионот „Вила парк“.
„Ози беше повеќе од музичка легенда, тој беше син на Бирмингем. Тој го стави Бирмингем на мапата“, изјави Икбал.
Луѓе од Мексико, САД и Полска дојдоа во Бирмингем за да положат цвеќе и да остават порака на мостот „Блек Сабат“. Обожавателите и граѓаните можат да го посетат Музејот и уметничка галерија на Бирмингем, каде што е отворена книга на жалост, покрај изложбата „Ози Озборн: Херој на работничката класа“, која ја отвори неговата сопруга Шерон минатиот месец.
(Фото: ПА)