ОЗИ ОЗБОРН ИМА ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Легендарниот британски пејач Ози Озборн објави дека има Паркинсонова болест.

Гостувајќи во американското ТВ-шоу „Добро утро Америка“, 71-годишниот Озборн кажа дека станува збор за блага форма, а дијагнозата ја дознал минатиот февруари.

„Тоа не е смртна казна, но влијае врз одредени нерви во телото. Имате добар ден, добар ден и потоа еден навистина лош ден“, изјави неговата сопруга Шерон.

Тој не настапуваше целата 2019 година поради повредите здобиени во пад и во прв момент не бил сигурен на што навистина се должат симптомите на вкочанетост.

„Тоа беше ужасен предизвик за сите нас. Последниот настап го имав за нова година и потоа тешко паднав и ми го оперираа вратот“, вели легендарниот фронтмен на „Блек сабат“, кој најави враќање на сцената во мај.

Медицината никогаш не утврдила што навистина ја предизвикува оваа болест, што во просек погодува еден во 500 луѓе. Нема ниту конкретен лек, но со напредни третмани повеќето заболени водат речиси нормален живот.