ВО АВСТРАЛИЈА ОТКРИЕН НАЈСТАРИОТ АСТЕРОИДСКИ КРАТЕР НА СВЕТОТ

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Научници го идентификуваа најстариот астероидски кратер на Земјата, додавајќи дека тоа би можело да објасни како планетата се издигнала од леден период.

Астероидот ја погодил областа Јарабуба во западна Австралија пред 2,2 милијарди години, што го прави кратерот само двојно помлад од Земјата. Научниците дошле до ваков заклучок тестирајќи минерали од карпи пронајдени на местото.

Кратерот е откриен уште во 1979 година, но геолозите досега не испитувале колку е стар. Поради милиони години ерозија, кратерот веќе не е видлив, па научници правеле мапирање на лузните во магнетното поле на областа.

„Пејзажот всушност е многу рамен бидејќи е многу стар, но тамошните карпи се доста карактеристични“, изјави истражувачот Крис Киркленд.

Кратерот е најмалку 200 милиони години постар од Вредефорт Дом во Јужна Африка, кој досега важеше за најстара ваква структура. Научниците веруваат дека овој настан можеби предизвикал значителни промени во климата на планетата.

„Староста на кратерот се совпаѓа со крајот на потенцијален глобален глацијален период“, додаде Киркленд.