Иако Памела Андерсон ретко зборува за своето момче, таа вчера пристигна во Санкт Петербург, за да го бодри во полуфиналето на Светското првенство во Русија.
Иконата на „Плејбој“ и на серијата „Чувари на плажата“ од лани е во врска со францускиот репрезентативец Адил Рами, кој е 18 години помлад од неа, и не ја криеше својата среќа, кога тој го оствари сонот на секој фудбалер – да заигра во мундијалско финале. Франција ја совлада Белгија со 1:0, а 32-годишниот дефанзивец на Олимпик Марсеј остана на клупата целиот натпревар.
Андерсон и Рами се запознаа за време на минатогодишната Формула 1 трка во Монако и таа дојде во Русија носејќи голем дијамантски прстен „картие пантер“, за кој нивни пријател вели дека е свршувачки.
Место да седи со сопругите и девојките на останатите француски играчи, Андерсон доби место во ВИП-ложата на стадионот, кадешто беа и претседателот Емануел Макрон и членови на катарското кралско семејство.
Андерсон минатата сезона неколкупати беше видена и на стадионот „Велодром“ во Марсеј.