ПО 18 ГОДИНИ, РЕШЕНО УБИСТВОТО НА ЏЕМ МАСТЕР ЏЕЈ ОД ХИП ХОП ГРУПАТА „РАН ДИ-ЕМ-СИ“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Двајца мажи се обвинети за 18 години нерешеното убиство на членот на легендарното хип хоп трио „Ран Ди-Ем-Си“, Џејсон Мизел, попознат како Џем Мастер Џеј. Тој беше убиен во октомври 2002 од двајца маскирани луѓе во своето музичко студио во Квинс, Њујорк.

Обвинителите сега кажаа дека тој бил убиен од негови познаници во случај поврзан со дрога. За убиството се обвинети 56-годишниот Роналд Вашингтон и 36-годишниот Карл Џордан, кои му се одмаздиле на Мизел откако тој ги исклучил од зделка за продажба на 10 килограми кокаин. Џордан беше уапсен во неделата, додека Вашингтон веќе служи затворска казна за грабеж.

„Тие влегле во студиото и ладнокрвно го убиле. Ја почнавме оваа истрага многу одамна, но се соочивме со многу предизвици пред да го решиме случајот“, изјави обвинителот Сет Душарм.

Мизел ја формираше една од највлијателните хип хоп групи во 1983 година со Џозеф Ран Симонс и Дерил Ди-Ем-Си Мекдениел, кои престанаа да настапуваат заедно по неговата смрт.