ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА „КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО СЕПТЕМВРИ СО ГОСТИ ОД СТРАНСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Блуз фамилија“, првото здружение на љубителите на блузот во Македонија, не се откажа од идејата за организирање на „Котон блуз фестивал“ и со мало одложување, неговото прво издание ќе се одржи на 3 и 4 септември. Локацијата ќе биде платото пред Куршумли ан во Старата скопска чаршија, со почитување на стандардните мерки воведени поради коронавирусот.

Организаторите дури успеаја да обезбедат гости од странство, па првата вечер ќе настапат британско-американското дуо Инес Сибун-Маркус Малоун и српските блузери Ненад Златановиќ и Пера Џо, а следниот ден ќе можат да се слушнат Белгијците Шејкдаун Тим и Илијас Скоч и Србите Марин Баленовиќ и Александар Стануловиќ.

Картите се продаваат само онлајн преку сајтот karti.com.mk.

Како најава на фестивалот беа организирани неколку свирки од серијалот „Бекјард сешнс“, пред коронавирусот да ги поремети сите планови.