Легендарниот мексикански голман Антонио Карбахал, првиот фудбалер кој играл на пет светски првенства, почина на 93 години. Познат како Тота и Ел Синко Копас поради своето ретко постигнување, Карбахал беше учесник на мундијалите во Бразил 1950, Швајцарија 1954, Шведска 1958, Чиле 1962 и Англија 1966.
Рекордот го држеше цели 32 години, пред да биде израмнет од Лотар Матеус во 1998. Во следните години, во ова избрано друштво влегоа уште двајца Мексиканци, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркес, како и Кристијано Роналдо и Лео Меси.
Карбахал одигра 48 натпревари за мексиканската репрезентација, од кои 11 на светските првенства. Најголемиот дел од клупската кариера го помина во Клуб Леон, чиј дрес го носеше 364 пати. Иако во 1950-ите бил следен од Реал Мадрид, Карбахал никогаш не ја напуштил домашната лига.
Од јануари оваа година, тој беше последниот жив учесник на Мундијалот во 1950.
(Фото: Мексспорт)