Тие имаат традиција од 2.000 години, а нивни муштерии биле и картагенскиот генерал Ханибал и римските легии. Сепак, овие денови, долготрајната традиција на изработување мечеви во шпанскиот град Толедо е сведена на само двајца занаетчии, кои остануваат последната жива врска со своите прочуени предци.
„Изработката на мечеви е длабоко поврзана со градот. Ако ја изгубиме, тоа ќе биде огромна загуба за градот“, вели мајсторот Антонио Арељано од „Артесанија Арељанос“.
Како што се зголемувал угледот на мечевите од Толедо пред многу векови, така и градот се збогатувал. Индустријата ги трансформирала тесните улички, исполнувајќи ги со стотици ковачи, кои го претвориле Толедо во еден од еминентните светски центри за изработување мечеви.
Продолжувајќи долга семејна традиција, Арељано почнал да изработува мечеви пред 30 години, во времето кога градот бил полн со работилници. Но, неговите муштерии не се благородници и мечувалци, туку туристи кои сакаат дома да однесат парче од славниот челик од Толедо.
Во последните години, бројот на занаетчии значително се намалил, зашто не можеле да се носат со поевтината конкуренција и масовното производство на мечеви, најмногу во Азија. Рачно изработените мечеви на 69-годишниот Арељано, за кои требаат и до шест недели за да се создадат, некако преживеале. Неговиот син планира да го преземе бизнисот откако тој ќе се пензионира.
„Мечот е симбол. Тој е алатка од историјата, што им е привлечна на луѓето“, додаде Арељано, кој денес најмногу нарачки добива од историски телевизиски и театарски продукции.