НА НОВИОТ АЛБУМ НА ЕЛТОН ЏОН ЌЕ ИМА И ХИП ХОП, КАНТРИ И ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА

Лос Анџелес, (АП)

Елтон Џон ќе објави албум на кој соработува со музичари од различни генерации и жанрови, вклучувајќи ги Ники Минаж, Мајли Сајрус, Дуа Липа, Еди Ведер, Стиви Вондер и Стиви Никс. „The Lockdown Sessions“ ќе содржи 16 песни и ќе излезе на 22 октомври.

Овој пандемиски проект произлезе од прекинот на неговата проштална турнеја во март 2020 и од ток шоуто „Rocket Hour“, во кое тој се запозна со повеќето од музичарите со кои соработува на албумот. Некои од песните се снимени на далечина.

„На овој албум влегувам на досега непозната музичка територија за мене. Ќе има хип хоп, кантри, електронска денс музика, понекогаш во иста песна. На почетокот на кариерата на крајот на 1960-ите работев како сешн музичар и ова малку ме потсети на тоа, па може да се каже дека со ова правам полн круг. Повторно бев сешн музичар и беше феноменално“, изјави Џон.