ПРЕМИЕРА НА „АМАТЕРИ“ НА СИНИША ЕВТИМОВ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (15 октомври) во Театар Комедија од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Аматери“, во режија на Синиша Евтимов. Од Театарот велат дека „Аматери“ е сатирична и експлозивна претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет.

„Од солунските атентати, преку партизани во ‘Фортнајт’ универзумот, до пародични реклами за Кавадарци, козметика и хотели, сè е дозволено и ништо не е свето. Преку динамични сцени и ликови кои постојано се движат меѓу мит и реалност, ‘Аматери’ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и сè останато. Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери, за сите нас кои од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери“, велат од Театарот.

Продуцентка е Татјана Дешко, сценографијата, костимите и дизајнот на видео се на Илина Ангеловска, а играат ​Атанас Атанасовски, ​Валентин Костадиновски, ​Сергеј Димоски, ​Тони Денковски, ​Виктор Арсов, ​Јаков Спасов, ​Столе Мицов, ​Илија Илиоски, Жарко Димоски, ​Жаклина Петровска, ​Маја Љутков и ​Елена Кузманов.