ПРЕМИЕРА НА „СЕКС, ЛАГИ И ГЛАВОБОЛКИ“ ВО РЕЖИЈА НА КАРДАЛЕВСКА ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА НА 22 МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (22 мај) во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Секс, лаги и главоболки“ од повеќе автори, во режија на Александра Кардалевска. Драматург е Благица Секулоска.

Од Театарот велат дека претставата е инспирирана од животни искуства и станува збор за колективно авторство.

„Ова е динамична, духовита и емотивна претстава што со леснотија се движи по тенката линија меѓу хуморот и драмата, но секогаш останува искрена и блиска до животот. Преку четири различни приказни што ќе ја разголат комплексноста на љубовните односи, четворица актери мајсторски толкуваат повеќе ликови, поставени во парадоксални ситуации на нивните љубовни односи, брачни предизвици и неверства. Претставата нуди смеа, препознавање и моменти за размислување, оставајќи го гледачот со чувство дека бил дел од еден жив, вистински и емотивен свет“, велат од Комедија.

Играат Жаклина Петровска, Елена Кузманов, Тони Денковски и Сергеј Димовски. Сценографијата и костимите се на Онур Озџан, дизајнот на светло е на Душан Кардалевски, а музиката на Оливер Јосифовски, Давор Јордановски и Михајло Михајловски.