Во Народниот театар во Штип вечерва (15 ноември) во 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Случајната смрт на еден анархист“ од италијанскиот драматур, актер, театарски режисер, текстописец и добитник на Нобеловата награда за литература во 1997, Дарио Луиџи Анџело Фо. Режијата е на Ивана Ангеловска, која вторпат работи во Штипскиот театар.
„Станува збор за сатиричен текст, еден од најдобрите во поново време и после 55 години приказната сѐ уште е актуелна“ вели Ангеловска.
Адаптацијата е на Весна Куслеска.
Актерот Ефтим Трајчев Ѓаурски вели дека е задоволен што во Штип првпат се поставува овој текст и добро е што и тој е дел од оваа култна фарса.
„Неправдите постојат и ќе постојат и ние како тетатар, како огледало на општетвото, ги посочуваме и мислам дека во тоа и успеавме во претставата и сметам дека и публиката ќе биде задоволна“, вели Ѓаурски.
Актерката Марија Минчева-Андонов во претставата игра машки лик, инспектор, што за неа било посебен предизвик, а нејзиниот колега Милорад Ангелов колега е вториот инспектор.
„И во претходната претстава кога режисерката Ангеловска гостуваше во Штип, јас играв улога на инспектор и сатирично заклучувам, еднаш инспектор, секогаш инспектор“, вели Ангелов.
Во претставата уште играат Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини. Репризата е на 18 ноември.
Т. ЈОВАНОВСКИ
Фото: Милорад Ангелов, директорот на Центарот за култура во Штип, Пеце Ристевски, режисерката Ивана Ангеловска, актерката Марија Минчева Андонов и Ефтим Трајчев Ѓаурски (Фото: СМАРТ СДК.МК)