Римските броеви на Градскиот часовник во Битола, Пелистер, приказна стара 465 милиони години, мочуриштето кое било претворено во Градски парк во времето на валијата Абдул Керим-паша, американските млазни авиони во поранешната касарна се само дел од интересните репортажи и приказни за Битола и околината кои новинарот и публицист проф. д-р Марјан Танушевски ги објави во книгата „Битолски хорологион 2“. Тоа се написи што тој ги има напишано како дописник за Македонската информативнa агeнција (МИА), а издавач на книгата е Македонското научно друштво.
Ова е продолжение на „Битолски хорологион“ објавена во 2021, исто така со текстови за Битола, а печатењето на втората книга се поклопува со 40-годишната работа на Танушевски во медиумскиот простор.
„Книгите ги подготвив мотивиран од сончевиот часовник – хорологион, што случајно го забележав во битолскиот Музеј. Тоа ремек-дело изработено од мермер во 157 година, според текстот на постаментот, донација од Лукиј Мариј, е најрано датиран латински натпис во Хераклеја“, вели Танушевски.

Книгата содржи 15 приказни за објекти со културно-историско значење за Битола и околината, значајни артефакти, природни убавини и реткости, традиции и села.
Текстовите содржат и куриозитети, како на пример дека на Градскиот часовник, најмаркатното архитектонско обележје во Битола, римските броеви се поставени во 1927 година, а бројот четири е обележан со четири вертикални црти. Друг податок вели дека Пелистер е стар 465 милиони години и дека содржи 22 вида вилински коњчиња. На Пелистер се идентификувани 116 видови птици, од кои пет се исчезнати. Во паркот има 47 цицачи, што е 53 отсто од вкупниот број видови во земјава.
Книгата носи податоци и за двата авиона кои, за жал, се распаѓаат во поранешната касарна во Битола. Според „Битолски хорологион 2“, тоа се американски млазни ловци „Ф-86“, произведени во периодот 1947-1949, кои се користеле до 1974, а потоа служеле за воена обука.
Во книгата, авторот Танушевски пренесува и сведоштво на професорот по едриличарство Ило Трајкov дека сѐ уште не можат да прежалат што во Битола не останала едрилицата „Илинденка“, изработена во Македонија. Таа подоцна била однесена во Белград, каде и останала. Пред извесно време бeше донесена на Аеро-митингот во Битола, а па беше вратена во Белград.
Ж. ЗДРАВКОВСКА