На 3 декември од 19 часот, во „Јавна соба“ во Скопје ќе биде промовирана монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на кореографката за современ танц Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Франговска и Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
На 180 страници опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисимкин, од самите почетоци како балерина, предизвиците со кои се соочувала, „до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц“.
Објавени се и фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чии автори се Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Антонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски-Летра, Емил Петров и Борис Грданоски.