„Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, „Се гледаме во август“, денеска излезе на македонски јазик, истовремено со целиот свет. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а наскоро и во сите други книжевни продажни места.
Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излезе од печат на неговиот роденден (6 март) во повеќе од 30 земји во светот. Со личната заложба на неговите синови Родриго и Гонсало Гарсија Барча и уредникот Кристобал Пера, во вакво синхронизирано објавување на романот учествуваше и издавачката куќа „Арс Ламина“, која го објави во едицијата „Современи класици“, која содржи уште седум други класици од Маркес. Преводот од шпански јазик го направи Огнена Никуљски.
„’Се гледаме во август’ е кус роман напишан во заводлив, фасцинантен и препознатлив стил на Маркес. Секој август, на точно определен датум, Ана Магдалена Бах заминува на островот каде што е погребана нејзината мајка со букет гладиоли. За време на овие патувања, макар на една ноќ, таа станува некоја друга, а нејзиниот внатрешен свет станува сосема поинаков“, најави издавачот.
Габриел Гарсија Маркес (1927-2014) е еден од најзначајните прозаисти на 20. век. Добитник е на Нобеловата награда за книжевност во 1982.
Кон крајот на својот живот, Маркес работел на овој роман додека се борел со деменција. Во неговите последни денови, тој одлучил дека ова дело не треба да биде објавено по неговата смрт. Сепак, неговите синови одлучија книгата да биде објавена.