ВАЖНО Е ДА СЕ ЗНАЕ И ИСТОРИЈАТА НА ОБЛЕКАТА, ВЕЛИ ЗОРКА МЛАДЕНОВА-ТОДОРОВИЌ ЗА НОВАТА ФОТОМОНОГРАФИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книжевници, новинари, модни креатори, филмски и театарски работници со силен аплауз и многу емоции синоќа ѝ честитаа на Зорка Тодорова-Младеновиќ за нејзината нова фотомонографија „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“. Книгата беше промовирана во Музејот на македонската борба и е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Книгата е сублимат на мојата досегашна работа како костимограф на бројни филмови и театарски претстави, но и на сите историски костими во Музејот на македонската борба. Оваа фотомонографија им ја препорачувам на сите кои сакаат да се занимаваат со модно креирање и костимографија. На факултетите и школите за мода денес повеќе се насочени кон модата, а не кон историскиот дел на облеката. Но, им препорачувам да навлезат и во овој дел на модниот дизајн како значајна основа. Изучувањето на историјата на облекувањето, поточно на костимографијата и модата, отсекогаш било од голем интерес за мене. Во Белград и Париз имав среќа да студирам кај Павле Васиќ и Ивон Деландр, една од најпознатите историчарки на костими во Франција. Со неа имав можност да влезам во повеќе депоа каде што се чуваа оригинални облеки од минатите векови и ми овозможуваше да гледам ексклузивни модни ревии на најпознатите модни креатори од тоа време“, рече костимографката.

Таа работела костимографии за повеќе играни филмови, како „Жед“, „Мементо“, „Истрел“, „Црвениот коњ“, „Прашина“, „До балчак“, „Исправи се, Делфина“, „Војната заврши“ и „Хај-фај“, како и за многу телевизиски филмови и драми.

Уредничката на изданието Бисера Бендевска, Зорка Тодорова-Младеновиќ и професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, авторка на еден од предговорите (Фото:„Арс ламина)

„Облеките во Македонија ги запознавав и кога ги правев костимите за восочните фигури за музеите во Скопје, Штип, Битола, Ресен и Кавадарци. Во тој период имав можност да соберам огромна документација за облеките во Македонија од појавата на фотографијата до денес. Како професорка на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет ги држев предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека. Во тоа време за студентите имав подготвено интерни учебници“, рече авторката.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20. век во Македонија. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори.

Фото: Арс ламина

Во публикацијата се вклучени предговори од професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и Музеј Битола, Наде Геневска-Брачиќ.

„Сметам дека ваквиот вид литература за историјата на костимот, модниот дизајн и облеката, претежно достапна и интересна за модните дизајнери, костимографите и етнолозите, кај нас го нема одгласот што го заслужува. Можеби и со таа цел се наоѓаме пред еден вреден примерок за историјата на облекувањето на овие простори, кој со ретко привидна леснотија ги документира нашите обичаи преку облеката“, рече Георгиева.

Фото: Арс Ламина