САШО СТАВРЕВ ПРЕКУ ФОТОИЗЛОЖБА ЌЕ РАСКАЖЕ 45 ГОДИНИ ОД ТРАДИЦИЈАТА НА „БРАЌА МАНАКИ“, ЗА ВРЕМЕ НА ГОДИНАШНИОТ ФЕСТИВАЛ ОСТАНАЛА ВО ВИЗБА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Стотици фотографии кои сведочат за 45 изданија на фестивалот „Браќа Манаки“, на кои се прикажани светски филмаџии и 31 лауреат на фестивалот кои ја посетиле Битола, од кои дури 19 оскаровци, ќе бидат дел од богатата авторска изложба што познатиот фотограф Сашо Ставрев вечерва (31 октомври) во 19 часот ја отвора во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола.

Фотографиите се поставени на 28 паноа и не е опфатено само последното, 46. издание. За гостите се подготвени каталози со 102 фотографии. На плакатот за изложбата е оригинална фотографија од филмската дива Кетрин Денев направена од Ставрев на фестивалот во Берлин во 1997, а лично потпишана од неа при гостувањето во Битола во 2012. Настанот е финансиски поддржан од Министерстото за култура.

„Фотоизложбата содржи 99 проценти мои фотографии зашто од шестото издание редовно го следам фестивалот. Само неколку сум искористил од татко ми, фотографот Петар Ставрев, кој манифестацијата ја следи од првото издание. Ова е најстариот филмски фестивал во светот посветен на кинематограферите, а ние сме единствените кои ја поседуваме комплетната фотодокументација за целата оваа традиција“, вели Сашо Ставрев.

Изложбата содржи куриозитетни рубрики, како „Татко и син“, каде се поместени слики од доајенот на македонската камера Драган Салковски со синот Томи, поранешен директор на фестивалот и од кинематограферот Свен Никвист, кој е првиот оскаровец кој дошол во Битола, заедно со синот Карл-Густав Никвист, режисер и снимател. Има и слики од Валтер и Лула Карваљо, кинематографери од Бразил, како и од авторот на изложбата со татко му Петар Ставрев. Тука е и рубрика за филмаџии кои повторно дошле во Битола.

„Мојата изложба беше готова и за време на годинашното 46. издание на фестивалот и стоеше во визбата на Офицерскиот дом. Имаше празни простории во Кристалната сала во домот и во фоајето на Центарот за култура, па можеше да се постави за да ја видат гостите на ‘Манаки’. Сите знаеја дека има 28 паноа, но никој не ја постави“, вели Ставрев.

Тој смета дека таа треба да биде дел од трајна поставка за фестивалот во Битола, која во иднина би се надоградувала. До пред неколку години, постоеше и ходник со негови фотографии на „Манаки“ во хотелот „Епинал“, но тој потоа беше отстранет.

„За жал, не се направи една канцеларија на фестивалот во Битола која ќе ја содржи документацијата што би се видела и понатаму. Тоа нека биде мој апел“, вели Ставрев.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: Дел од изложбата се и интересни фотографии со Ставрев и Валтер Карваљо