СЕ СВРШИ ОСКАРОВКАТА ЕМА СТОУН

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Холивудската ѕвезда Ема Стоун потврди дека се свршила со своето момче Дејв Меккери, кој е сценарист и режисер во популарното ТВ-шоу „Сабота вечер во живо“. Тие објавија заедничка фотографија на Инстаграм, на која 31-годишната Стоун го истакнува свршеничкиот прстен.

Стоун и Меккери се заедно повеќе од две години и магазинот „Пипл“ во октомври 2017 прв ја обелодени нивната врска.

Во едно неодамнешно интервју, Стоун најави дека планира да се скраси во рани 30-ти години.

„Мојата перспектива за семејство се смени со годините. Порано мислев дека никогаш нема да се мажам или да имам деца, но како што стареев, сѐ повеќе го сакав тоа. Чудно е како 30-ти години ти даваат појасна слика за животот“, изјави Стоун, која доби Оскар за мјузиклот „Ла ла ленд“.