Амбасадата на Шведска во Македонија по петти пат отвора конкурс за позицијата „амбасадорка на еден ден“, а можат да се пријават девојки над 15 години.
Од кандидатката се очекува да го следи амбасадорот Ола Солстром во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на амбасадата и да учествува во дневните активности на амбасадата. На крајот од работниот ден ќе даде краток извештај за работата што ја завршила. Работата ќе започне во 8:30 часот и ќе заврши во 16:30 часот.
Сите заинтересирани кандидатки треба да ги достават следните документи: кратко мотивациско писмо (најмногу 250 зборови), објаснувајќи зошто сте заинтересирани за оваа позиција; кратка биографија каде што посочувате што правите, кои се вашите интереси и кои активности сте ги презеле за да го промовирате или подобрите животот на заедницата во која живеете; две препораки (најмногу 1-2 параграфи) од некој што добро ве познава и може да ве препорача за оваа позиција, како ваш учител или наставник; писмена согласност од вашите родители/законски старатели (за девојчиња на возраст од 15 до 18 години), стои во повикот.
Краен рок е 10 ноември до 23:59 часот, а пријавувањето се прави преку е-пошта на: [email protected] со наведување: апликација за конкурсот #GirlsTakeOver за „Амбасадорка на еден ден 2025/26“.
Информациите за резултатите од конкурсот ќе им бидат испратени на сите апликанти до крајот на ноември 2025 на е-поштата наведена во апликацијата. Избраната кандидатка ќе ги извршува своите должности како „амбасадорка на еден ден“ на датум што заеднички ќе биде договорен.
#GirlsTakeOver е глобална иницијатива во која девојки ширум светот заземаат позиции на моќ по повод Меѓународниот ден на девојките, 11 октомври.
Во март годинава, скопската средношколка Мила Ѓорѓиевска беше шведска амбасадорка на еден ден.
Фото: Мила Ѓорѓиевска со претходната амбасадорка Ами Ларсон Џаин