СКУЛПТУРИТЕ ВО ГРАДСКИ ПАРК МЕ НОСАТ ВО ДРУГО ВРЕМЕ – БЛАГОЈА ВАРОШАНЕЦ ОНЛАЈН ГИ ОТКРИВА „ТАЈНИТЕ МЕСТА НА СКОПЈЕ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Историчарот на уметност и виш кустос во Музејот на современа уметност (МСУ) Благоја Варошанец неодамна ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“, што ја доделува Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, за проектот „Тајните места на Скопје“ (Skopje secret spots).

Проектот почнал да се реализира во април годинава и го презентираше преку бесплатна платформа на социјалните мрежи. Со онлајн претставување, проектот преку фотографии и кратка содржина, документира објекти, слики, архитектонски решенија и скулптури, лоцирани на повеќе отворени јавни површини и ентериери во јавни институции. До сега има околу 90 објави и се планира да бидат опфатени уште културни белези на градот, со фокус на создадени дела во периодот од 1940-те до 1990-те години. Секоја објава е посветена на одреден настан или автор и содржи кратка информација како документ за настанот, за иституцијата, објектот или уметничкото дело.

Необјавена скулптура, Форма, метал/обоен железен лим, креација на уметникот Петар Хаџи Бошков за Скулпторска колонија организирана од раководството на фабриката Металски Завод Тито во 1982 година и презентирана на изложбата на 09.06.1982 во паркот на скулптури во кругот на фабриката МЗ. (Фото: Б. Варошанец )

„Откривањето на значајните културолошки локации беше по сеќавање на веќе видени места, но без предходни конкретни информации за поставениот откриен ‘монумент’. Со истражување по монографските изданија на познатите македонски и поранешните југословенски уметници и архиви, се надополнуваа содржини за тоа што е повод за поставување на една скулптура или биста, на пример, кога е направена, кој е нејзин автор, зошто е поставена на таа позиција итн. Секако, имав поддршка од колеги и пријатели за откривање на некои нови места“, ни рече Варошанец.

Варошанец неодамна ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“, што ја доделува Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, за проектот „Тајните места на Скопје“

Кустосот вели дека има повеќе локации во градот кои му се особено драги. „Можам да ги издвојам скулптурите во Градски парк, бидејќи тоа е мојот прв контакт со монументални скулптури, кое ме потсетуват на едно друго време, на детството и прошетките со моите родителите. Конретно би ги издвоил скулптурата ‘Прегратка’ од Петар Хаџи Бошков на Кејот на Вардар, ‘Споменикот на хероите ѕверски убиени од фашистичкиот окупатор’ од Боро Митриќески, но и делата на кои секогаш сакам да се навраќам, а се во затворен простор, како што е муралот на Борко Лазески, ‘Фреска за НОБ II’, лоциран во Народна банка и сликата на Петар Лубарда, насловена ‘Раѓање на езерото’, во Дом на АРМ“, додава Варошанец.

Муралот „Флора” насликан 1975 од уметниците Вангел Коџоман, Петар Дракулески и Теофил Шулајковски-Тофе во зграфито техника со димензии 280х340 см (10м2). Изработен како шематизиран-декоративен цртеж во холот пред салата за состаноци на заменик гувернерот на Народна банка на Р.М, 3-ти кат. (Фото: Б. Варошанец )

Со цел да се архивира целиот визуелен материјал на проектот, се планира да се изработи публикација. Публикацијата-форма на информации за откриените културните вредности на градот, би се заокружила со промоција и селектирани фотографии.

Б. НЕСТОРОСКА