СО НАСТАПИ НА МЛАДИ И ИСКУСНИ ПОП-ПЕЈАЧИ ВО КРУШЕВО И СКОПЈЕ СЕ ОДБЕЛЕЖА РОДЕНДЕНОТ НА ТОШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Млади пејачи и музичари настапија вчера (25 јануари) во спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево на одбележувањето на денот кога Тоше Проески ќе наполнеше 45 години. Песни од Тоше пееја Ребека и Леона Јанкоски, Кирана Ивановска, Дорис Димовска, Марија Аличанец и Јана Мрческа.

Покрај музичкиот дел, беше промовирана и книгата „Душа остана“ од младиот автор Бојан Тодоровски од Битола. Книгата е насловена по една од песните на Тоше.

Млади пејачи настапија во чест на Тоше во Спомен-куќата во Крушево (Фото: Инфокомпас)

„И по толку години, пораката ‘Ве сакам сите’ сѐ уште силно одекнува во нашите срца. Младите музички таленти со своите гласови уште еднаш нѐ потсетија на големината на Тоше“, велат од Спомен-куќата.

Во Крушево беше промовирана и книгата „Душа остана“ од младиот автор Бојан Тодоровски (Фото: Инфокомпас)

Денот на раѓањето на Тоше се одбележа и во Скопје. Учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ одржаа концерт со негови песни во концертната сала на училиштето, која беше полна.

На 24 јануари се обедини бендот на Тоше Проески, кој го следеше на сите концерти и турнеи и одржа концерт со негови песни во еден скопски клуб.

Бендот на Тоше пееше негови песни во скопски клуб (Фото: М. Шукри)

На 23 јануари, во ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската Општина Аеродром се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше те сакаме“. На настанот се пееја песни од Тоше, а се одржа и изложба во негова чест. Настапија поп-пејачите Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Тамара Волческа, Владимир Поповски, Мартинијан Кириловски, Наде Талеска, Лили Акустик и Васил Ангелов.

„Влезот за настанот беше бесплатен, а сите учесници настапија без финансиски надомест, со што целиот настан беше реализиран без финансиски трошоци, воден исклучиво од желбата за заедништво, култура и почит“, велат организаторите.

М. ЏАРОВСКА