Поминаа 50 години откако првиот број на „Ролинг стоун” беше објавен во Калифорнија.

Кога „Ролинг стоун” се појави на трафиките на 9 ноември 1967 година, со Џон Ленон на насловната страница, никој не можеше да претпостави колку силен и влијателен медиум ќе стане во наредните децении.

„’Ролинг стоун’ веднаш си ја најде публиката. Веднаш добивме повици. Ерик Клептон се јави, браќата Ворнер од Лос Анџелес се јавија”, се сеќава 75-годишниот Мајкл Лидон, првиот уредник на списанието.

Првиот број на “Ролинг стоун” се појави на трафиките на 9 ноември 1967 година, со Џон Ленон на насловната страница

Во првото издание беа објавени рецензии за албумите на Џими Хендрикс и на Ерик Клептон.

„Тоа беше време на проширување на умот. Тоа не беше едноставен бизнис. Музиката беше суштината, таа беше нешто што ги сплоти сите”, додава тој.

Во 1967 година, Лидон се запознал со Џен Венер, првиот и сѐ уште актуелен издавач на „Ролинг стоун”, кој планирал да направи списание за новата генерација на хипи младина, разочарана од актуелноста.

Неколку недели подоцна, во кафуле во Сан Франциско, Венер побарал од Лидон да биде негов прв уредник.

„Барав нешто слично. Исто како и денес, кога истомисленици ќе дипломираат на колеџ и си велат: ‘Еј, да отвориме веб-страница’. Беше многу слично, со тоа што ние бевме група луѓе во нивни 20-ти години кои сакаа да направат нешто. Сите сакавме да бидеме петтиот Битл”, вели Лидон.

Тој се шегува како Венер го присвои името на еден од најголемите бендови во светот. Мик Џегер и Кит Ричардс го зеле името од песната на Мади Вотерс „Ролин стоун“, а го искористил и Боб Дилан во книгата „Како Ролинг стоун”.

Првиот уредник на „Ролинг стоун “, Мајкл Лидон, во 1967 година

„Фер е да се каже дека Венер знаеше што прави“, додава тој.

Сместувајќи си ја канцеларијата на еден таван во Сан Франциско, мал тим, вклучувајќи го и музичкиот критичар Ралф Џ. Глисон, го спакува првиот број на „Ролинг стоун”. Неговото објавување на 9 ноември 1967 година беше проследено со солзи радосници и со шампањско, се присети Лидон.

„Сите си отидовме дома уморни, но среќни. Се вративме следната вечер, за да пишуваме наслови за вториот број“.

Од самиот старт, списанието пишуваше за контроверзни теми, како ХИВ-вирусот и Виетнамската војна. Фокусот не беше само музиката, списанието ја стекна репутацијата благодарение и на темите од култура и политика.

Последниве години, списанието се бореше со негативен публицитет, по случај на клевета и финансиски проблеми.