СРПСКИОТ БИЗНИСМЕН ДРАГАН ШОЛАК ГО КУПИ ПРЕМИЕРЛИГАШОТ САУТЕМПТОН ЗА 100 МИЛИОНИ ФУНТИ

Саутемптон, (Скај/Н1)

Англискиот премиерлигаш Саутемптон потврди дека српскиот бизнисмен Драган Шолак го презел клубот во зделка вредна 100 милиони фунти. Основачот на медиумската компанија „Јунајтед груп“, во чии рамки делуваат популарните спортски канали „Спорт клуб“, ќе биде мнозински сопственик на Саутемптон, кој моментално се наоѓа на 14. место во домашното првенство.

Шолак стои зад нова холдинг компанија која ќе испитува понуди за клубови во други лиги, слично на стратегијата што ја имаат развиено сопствениците на Манчестер сити. Тој го презема Саутемптон од Кинезот Гео Јишенг, кој во 2017 купи 80% од акциите на клубот.

„Заедно со моите партнери имам големо искуство во областа на забавата и спортот. Саутемптон ги има сите квалитети кои ги баравме во една голема спортска организација и пресреќни сме со комплетирањето на оваа аквизиција. Клубот ќе биде темел на организацијата што планираме да ја изградиме“, изјави Шолак.

Под негово водство, „Јунајтед груп“ израсна во еден од телекомуникациските и медиумски лидери во Југоисточна Европа. Таа опфаќа пет национални телевизии, над 50 кабловски канали, 28 веб-портали и бројни печатени медиуми и радиостаници.