Класичните телефони „блекбери“, кои своевремено беа врв на мобилната телефонија благодарение на своите безбедност и препознатлива физичка тастатура, од вчера се „мртви“ откако истоимената канадска компанија ја повлече својата поддршка. Таа неодамна соопшти дека легендарните уреди, кои не се произведуваат од 2016, веќе нема да функционираат од 4 јануари, вклучувајќи повици и пораки.

Падот на „блекбери“, кој важеше за статусен симбол на Вол стрит, а го користеше и Барак Обама, почна одамна. До 2013, кога светот на мобилните телефони се промени со појавата на иОС и Андроид, компанијата веќе имала загуби од милијарди долари.

Во 2016, „Блекбери“ покриваше помалку од 1% од пазарот на мобилните уреди. Компанијата тогаш веќе се ориентираше кон бизнисот со софтверска безбедност и престана да произведува мобилни телефони, но продолжи да ги поддржува софтверски во знак на благодарност кон лојалните муштерии и партнери.