СТАНУВААТ ПРЕД ШЕСТ САБАЈЛЕ ЗА ДА ТРЕНИРААТ УМЕТНИЧКО ЛИЗГАЊЕ, ДУРИ И НА -20 СТЕПЕНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметничкото лизгање е, веројатно, најмладиот спорт во Македонија.

Толку е млад што највозрасната натпреварувачка има 20 години, а просечната возраст на оние што тренираат е околу девет години. Македонија отсекогаш имала традиција во хокеј на мраз, но со уметничкото лизгање се почна буквално од нула пред седум години.

Лизгалиштето кај салата „Борис Трајковски“ е единствениот терен на којшто се тренира уметничко лизгање во Македонија (Фото: М. Златевска)

„Федерацијата на лизгачки спортови на Македонија постои две и пол години, а децата со спортот се занимаваат од 2011, кога лизгаа на пластични панели, за од следната година да се постави мраз. Денес имаме четири клуба, 34 деца во тренажен процес и тренер од Белорусија, државниот првак Витали Лучанок“, појасни претседателката на Федерацијата, Цветанка Макаровски.

Ретко каде кај деца може да се сретне таков ентузијазам како во уметничкото лизгање. Не само што со спортот се почнува на четири-петгодишна возраст, туку за да се стигне на првиот тренинг, мора да се стане пред шест часот наутро и Макаровски вели дека дисциплината меѓу децата е на највисоко ниво.

Како спој на гимнастика, балет и танц, овој спорт е многу интересен за децата (Фото: М. Златевска)

„Доаѓаат во 6.15 за првиот тренинг, поголема дисциплина има кај нив отколку кај нас, родителите. Едноставно, инсистираат да доаѓаат. Дури и лани кога беше -20 степени, тие не пропуштаа тренинг. Многу ни е кратка сезоната, имаме само три и пол-четири месеци мраз и затоа секој тренинг е важен, ако сакаме да бидеме рамо до рамо барем со балканските земји. Тоа е една љубов кон спортот. Пробувавме да ги насочиме на други спортови, но не се откажуваат. Ова е многу динамичен спорт, спој на гимнастика, балет и танц и затоа е интересен, особено за малите. Нема дете кое се плаши од лизгање или да научило да лизга, па се откажало“, вели Макаровски.

Освен тоа што нема спонзори, друг голем проблем за спортот е што во целата држава се тренира на само еден терен – (полу)отвореното лизгалиште кај салата „Борис Трајковски“.

„Она што најмногу ни треба е затворено лизгалиште. Со четири месеци мраз, врвен спорт не можеме да развиваме. Она што ќе го научат за тој краток период, децата го забораваат до следната сезона“.

Во текот на годината одат на четири-пет меѓународни натпревари и досега имаат освоено повеќе од 20 медали (Фото: Г. Конев)

Сами ги финансираат и настапите на меѓународни натпревари.

„Во текот на годината имаме четири-пет меѓународни натпревари и децата имаат освоено повеќе од 20 медали. Лани за првпат испративме едно девојче на јуниорско гран при, што е повисок ранг и каде што се собираат поени за светски првенства и олимпијади“.

Меѓу оние што тренираат уметничко лизгање во Македонија има само едно момче.

Јан Стојановски е единственото момче кое тренира уметничко лизгање во Македонија (Фото: М. Златевска)

„Тоа е Јан Стојановски, кој има 12 години. Сѐ уште сме поднебје каде што ова го третираат како женски спорт, иако сите странски тренери кои дојдоа кај нас се мажи и ни велат дека во Русија, Канада и Европа е изедначен бројот на машки и женски лизгачи. Кај нас, ова е уште табу“, смета Макаровски.

Г. КОНЕВ