Џесика Честејн вчера го освои Оскарот за најдобра актерка и своите неколку минути на говорницата ги искористи за да проговори за темите со кои и самата се соочила во животот: превенција на самоубиства и важноста на ширење надеж.
„Живееме во тешки времиња, исполнети со траума и изолација и многу луѓе се чувствуваат безнадежно и осамено“, кажа Честејн.
Денес е една од најценетите актерки во Холивуд, но Честејн имала тешко и сиромашно детство, растела без татко и често сведочела на насилство.
„Бев првата девојка во моето пошироко семејство која не забременила на 17 години“, кажа своевремено Честејн.
Нејзината помлада сестра Џулиет извршила самоубиство во 2003 на 24 години по долга борба со депресија и зависности. Во својот говор на Оскарите, Честејн не случајно ја допре и оваа тема.
„Самоубиствата погодија многу семејства,. Го погодија и моето. Сочувството нè поврзува сите во желбата да бидеме прифатени такви какви што сме и да живееме живот без страв, насилство и ужас“, кажа Честејн.
Таа и во минатото зборуваше како смртта на сестра ѝ целосно ја променила.
„Сфатив дека глума, филмови и оскари се неважни. Џулија имаше повеќе обиди за самоубиство, но и покрај тоа, си мислиш дека тоа никогаш нема да се случи“, кажа Честејн во едно интервју.