ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ ДЕЛ ОД БАЛКАНСКА КНИЖЕВНА ВЕЧЕР ВО УЖИЦЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Македонскиот писател Томислав Османли беше меѓу петмината писатели чии книжевни портрети беа претставени во Ужице, годинашен српски Град на културата, во склоп на одбележувањето на 20-годишнината на меѓународната асоцијација „Форум на словенски култури“.

Во Ужице се претставија книжевните портрети и на: словенечкиот автор Владо Жабот, бугарската авторка Здравка Евтимова, како и српските писатели Владан Матијевиќ и Петар Матовиќ.

Модератор на книжевниот настан што се одржа во Народната библиотека на Ужице, беше српскиот автор и критичар Младен Весковиќ, главен и одговорен уредник на издавачкиот одбор на меѓународната едиција „100 словенски романи“. Пред публиката се претставија со читања на извадоци од сопствените романи, секој на својот јазик и низ актерски интерпретации на нивни дела и на српски јазик, а потоа и со искази за својата литературна дејност.
Османли прочита фрагмент на својот роман „Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“ кој во 2016 го објави скопски „Магор“, во 2022 српскиот издавач „Агора“ од Нови Сад, а годинава и московскиот издавач „Рудомино“. На српски јазик беше прочитан и извадок од неговиот роман „Зад аголот”.