ЦЕЛО ВРЕМЕ ПРАШУВА И УЧИ НОВИ РАБОТИ – ТРИГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ИМА КОЕФИЦИЕНТ НА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА 171

Лондон, (Би-Би-Си)

Кога Натали и Бен ја зачлениле својата тригодишна ќерка Офелија во Менса, друштвото на високоинтелигентни луѓе, тие биле свесни дека ќе ги обвинуваат оти премногу ја притискаат.

Просечен коефициент на интелигенција на луѓето е 100 и најчесто се движи меѓу 85 и 115. Офелија постигнала резултат од 171 на тестот Стенфорд-Бинет, наменет за деца од двегодишна возраст.

„Уште кога имаше осум месеци почнавме да сфаќаме колку паметна би можела да биде. Првиот збор го изговори неколку месеци порано од вообичаената норма. Потоа многу рано почна да кажува и бои, букви и бројки“, вели Натали Морган.

Пред да наполни две години, Офелија веќе знаела да ја каже целата азбука. Дури кога тргнала во забавиште, Натали и Бен сфатиле колку е понапредна во однос на другите деца на нејзина возраст.

„Само сакавме да видиме како можеме да ѝ помогнеме. Не сакавме да ја притискаме, но ни да ја дестимулираме“, изјави татко ѝ Бен.

Така ја пријавиле Офелија на тестирање, на кое се испитуваат вербални и логички вештини и просторна свесност. Резултатот бил неверојатен.

„Исклучителните деца брзо ги восприемаат работите, имаат добра меморија и се повнимателни кон она што се случува околу нив. Имаат жед за учење и цело време поставуваат прашања. Тие не запираат сè додека не легнат да спијат. Во сето тоа, родителите не треба да заборават дека нивните тела и емоции се сè уште детски“, вели психологот и детски советник во Менса, Лин Кендал.

Наталија вели дека Офелија е тригодишно девојче во секоја смисла на зборот и прави нормални работи за нејзина возраст, но и цело време учи нови работи.

„Понекогаш ми се чини како да разговарам со 19-годишничка. Таа знае како да води разговор и да искаже свои идеи“.