ОСКАРОВЕЦОТ ЏОН ВИЛИЈАМС НАПИША ДЕЛО ЗА ДУХОТ КОЈ МУ СЕ УКАЖАЛ НА БЕРНШТАЈН

Бостон, (АП)

Новото дело на петкратниот оскаровец Џон Вилијамс, за духот кој му се укажал на легендарниот композитор Леонард Бернштајн, вечерва ќе ја има својата светска премиера во Танглвуд, Масачусетс, кој важи за летна резиденција на Бостонскиот симфониски оркестар.

Вилијамс вели дека делото насловено „Духот на Хајвуд – средба за харфа, виолончело и оркестар“ е за духот кој ја прогонува куќата Хајвуд, која е на имотот Танглвуд.

Низ годините, луѓето имаат раскажувано за средби со духот, но приказната со Бернштајн е можеби најпозната. Големиот музичар кажал дека додека седел покрај прозорец на вториот спрат на куќата, му се приближило привидение. Изненаден, скокнал и ѝ се обратил на фигурата.

Вилијамс, кој има работено на „Војна на ѕвездите“, „Индијана Џонс“, „Паркот Јура“, „Шиндлеровата листа“ и „Хари Потер“, рече дека го напишал делото од забава и „за да ѝ даде шанса на необичната комбинација на харфа и виолончело да биде поставена на сцена“.