„ДЕКСТЕР“ ЌЕ ДОБИЕ КРАЈ КАКОВ ШТО ЗАСЛУЖУВА СО НОВАТА МИНИСЕРИЈА (ВИДЕО)

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

ТВ-мрежата „Шоутајм“ го објави првиот трејлер за продолжението на серијата „Декстер“, што ќе почне да се прикажува на 7 ноември. Таа ќе има десет епизоди.

Мајкл Си Хол се враќа во насловната улога во „Декстер: Нова крв“ и сега живее во измислениот мал град Ајрон Лејк под името Џими Линдзи.

Дејството се случува десет години по завршувањето на оригиналната серија, која се емитуваше од 2006 до 2013. Потврдено е дека во серијата ќе се појават и Џенифер Карпентер, која ја глумеше сестрата на Декстер и Џон Литгов како Тринити Килер.

„Мислам дека многумина беа збунети и исфрустрирани од крајот на серијата, кој доби многу негативни придавки. Крајот на оваа серија ќе биде шокантен, изненадувачки, неочекуван. Без да навестам нешто, ќе кажам дека крајот ќе го урне интернетот“, изјави Хол.