Бермуда стана најмалата нација или територија која освоила олимписко злато откако Флора Дафи славеше во триатлонот на Олимписките игри во Токио.

Триесет и тригодишната Дафи, за која ова е четврта олимпијада, беше најдобра во конкуренција на 56 жени, постигнувајќи вкупно време од еден час, 55 минути и 36 секунди. Среброто го освои Британката Џорџија Тејлор-Браун, а трета беше Кејти Заферес од САД.

„Пет години бев изложена на огромен притисок. На никого не би му посакала да биде олимписки фаворит пет години. Верувам дека цела Бермуда полуде. Ова беше мојот сон, но и знаев дека е поголемо од мене. Горда сум што сум првата олимписка шампионка од Бермуда“, изјави Дафи, која како тинејџерка одбила шанса да настапува за Велика Британија.

Со популација од само 63.000 жители, Бермуда веќе беше најмалата земја која освоила олимписки медал, откако боксерот Кларенс Хил се закити со бронза во 1976 година.