ПО 20 ГОДИНИ КОНЕЧНО СЕ СПОИЈА НАШИТЕ ТЕМПЕРАМЕНТИ – ТРПЧЕСКИ ЌЕ НАСТАПИ СО СЛАВНИОТ ВИОЛИНИСТ ВЕНГЕРОВ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Пијанистот Симон Трпчески утре ќе настапи на фестивалот „Музика Мунди“ крај Брисел со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на светот, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“. На програмата се камерни дела од Моцарт, Франк, Прокофјев и Равел.

„Нашето пријателство трае веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ‘Еми класикс‘, Џон Фрејзер, ни зборуваше дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек кој има создадено историја на многу млади години. Многу се радувам“, изјави Трпчески за Македонско радио.

Пијанистот со светска кариeра од крајот на мај до средината на овој месец имаше богат концертен распоред со настапи во Стразбур, Софија, Санкт Петербург, Овиедо, Букурешт, Ливерпул, Монпелје и Кишињев. Од септември, Трпчески е резидентен артист во Марибор, каде што ќе одржи четири концерти, меѓу кои е и вечерта со „Македонисимо“.