Ејч-Би-О објави дека ќе снима нова серија за аферата Вотергејт, која го урна американскиот претседател Ричард Никсон, со Вуди Харелсон и Џастин Теро во главните улоги.

Двајцата актери, кои важат за чести соработници на Ејч-Би-О, ќе бидат и продуценти на серијата, а сценариото ќе го пишуваат Алекс Грегори и Питер Хајук, кои работеа на наградуваната серија „Потпретседателка“ (Veep).

Серијата доаѓа во време кога се подготвува импичмент на претседателот Доналд Трамп, речиси 45 години откако Никсон поднесе оставка за да избегне судење пред американските законодавци.

Насловот на серијата од пет епизоди е „The White House Plumbers“, а ќе се фокусира на Е. Хауард Хант (Харелсон) и Г. Гордон Лиди (Теро), кои биле вработени во администрацијата на Никсон и биле одговорни за прислушувањето, се обиделе да го прикријат и на крајот добиле помали затворски казни.