РОНАЛДО И БУФОН ИМ ЈА ИСПОЛНИЈА ЖЕЛБАТА НА ДВЕ МОМЧИЊА КОИ НАСТРАДАА ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО АЛБАНИЈА

Рим, (АП)

Две момчиња кои го преживеаја неодамнешниот земјотрес во Албанија, во кој загинаа нивни роднини, добија шанса да ги запознаат своите фудбалски идоли Кристијано Роналдо и Џанлуиџи Буфон.

Седумгодишниот Аурел и три години повозрасниот Алесио се спасиле така што скокнале од терасите на нивните станови во зграда во Тумане, која се урна во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала, убивајќи најмалку 51 лице. Аурел притоа загуби сестра и баба, додека Алесио остана без татко и сестра. Додека лежеле во болница, нив ги посетил премиерот Еди Рама, кој притоа дознал за нивниот голем сон.

Сите тројца беа гости на Јувентус во пресрет на натпреварот со Лацио, кога Роналдо и Буфон им подарија дресови на двете момчиња и се фотографираа со нив.

„Ова не е само за нив, ова е за сите кои настрадаа“, кажа Рама.

Во земјотресот од 26 ноември беа повредени над 3.000 луѓе и уништени и оштетени повеќе од 11.000 згради.