„ИГРА НА ТРОНОВИ“ ТРИУМФАЛНО СЕ ВРАТИ НА ЕМИ НАГРАДИТЕ И ОСВОИ УШТЕ ДЕВЕТ СТАТУЕТКИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Игра на тронови“ е најдобра драма, а „Прекрасната госпоѓица Мејзл“ е најдобра комедија на 70. доделување на телевизиските награди Еми, што се одржа во Лос Анџелес.

Овие две серии се и најголемите победници на вечерта, откако првата освои вкупно девет, а втората осум статуетки. „Игра на тронови“, која лани не беше во конкуренција, сега има колекција од 46 награди Еми, а допрва треба да се емитува последната сезона.

Во категоријата минисерија славеше „Убиството на Џани Версаче: американска крими приказна“.

Пред да ѝ ја предаде улогата на Елизабета Втора на Оливија Колман, Клер Фој беше прогласена за најдобра драмска актерка за „Круна“, а во машка конкуренција, наградата му припадна на Метју Рајс за „Американци“.

„Ми дадоа улога за која мислев дека никогаш нема да ја играм. И серијата продолжува, што ме прави многу среќна. Затоа ја посветувам оваа награда на следната екипа“, изјави Фој.

Најдобри актери во комедија се Бил Хејдер („Бери“) и Рејчел Броснахан („Прекрасната госпоѓица Мејзл“), додека Хенри Винклер („Бери“) освои Еми за најдобар спореден актер во комедија 42 години откако првпат беше номиниран.

Награди за споредна улога освоија и Алекс Борстин („Прекрасната госпоѓица Мејзл“/комедија), Питер Динклиџ („Игра на тронови“/драма) и Тенди Њутн („Западен свет“/драма).