ИМЕЛДА СТОНТОН ЌЕ БИДЕ КРАЛИЦАТА ВО ПОСЛЕДНАТА, ПЕТТА СЕЗОНА НА „КРУНА“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Серијата „Круна“ ќе заврши со петтата сезона, во која Имелда Стонтон ќе ја игра кралицата Елизабета Втора, објави „Нетфликс“.

Стонтон (64) ќе ја преземе оваа улога од оскаровката Оливија Колман, која дебитираше во третата и ќе биде дел од четвртата сезона. Со ова беше ставен крај на шпекулациите дека серијата ќе има шест сезони.

Авторот на серијата Питер Морган потврди дека серијата ќе заврши во 21. век, што значи дека ќе го опфати и периодот по смртта на принцезата Дијана, но не е познато дали ќе стигне до актуелните случувања со војводата и војвотката од Сасекс.

„Возбудени сме што можеме да потврдиме дека Имелда Стонтон ќе биде кралицата во последната, петта сезона. Таа е неверојатен талент и ќе биде фантастичен наследник на Клер Фој и Оливија Колман“, изјави Морган.