Приказната за германска тинејџерка која тоне во светот на дроги и проституција во Западен Берлин во 1970-ите, што беше претворена во популарна книга и култен филм, се враќа на екраните како модерен римејк.
Интервјуата на Кристијана Фелшеринов со двајца новинари послужија како основа за книгата „Кристијана Ф. – Ние децата од станицата Зоо“ објавена во 1978, а три години подоцна беше снимен и филм, за чија популарност придонесоа и појавувањето и музиката на Дејвид Боуви. Истоимената серија со осум епизоди од денеска ќе се емитува на стриминг сервисот „Амазон прајм“.
Филмот на Ули Едел од 1981, во кој глумеа главно дебитанти, ги шокираше критичарите и публиката со реалистичното прикажување на изгубена генерација на берлинската младина која пропаѓа од хероинот.
Иако и новата серија се случува во Западен Берлин на крајот на 1970-ите и во почетокот на следната деценија, нејзините автори инсистираат дека не биле толку заинтересирани да ја доловат депресивната атмосфера на оригиналот, туку сакаат да ја прикажат суштината на оваа универзална приказна за млади луѓе кои го бараат своето место во светот.
„Ова е наше толкување што Кристијана и нејзините пријатели го искусиле во ова време“, вели режисерот Филип Каделбах.