„Нетфликс“ ја почна годината со изненадувачка објава за датумот на премиерата на долгоочекуваната трета сезона на „Чудни нешта“.

Авантурите на децата од гратчето Хокинс и нивната борба со чудовишните закани од друга димензија продолжуваат на 4 јули, кога, во стилот на „Нетфликс“, ќе бидат пуштени сите нови осум епизоди.

Според мистериозната кратка најава, дејството на третата сезона почнува за новогодишната ноќ во 1985 година, откривајќи дека ситуацијата во Хокинс не е така идилична како што мислат неговите омилени жители.

Серијата креирана од браќата Дуфер стана инстант хит кога првпат беше емитувана во 2016 година и направи голема ѕвезда од сега 14-годишната Мили Боби Браун. „Нетфликс“ одлучи да ја продолжи неизвесноста кај фановите, па паузата меѓу втората и третата сезона се одолжи на повеќе од година и пол.